Се повеќе влади ги следат примерите на Русија и Кина со манипулирање на социјалните медиуми и потиснување на изразување на мислења на интернет, што претставува сериозна закана за демократијата, соопшти денеска организацијата за човекови права „Фридом Хаус“ во извештајот „Слободата на Интернет“ за 2017 година.
Студијата за слободата на интернет, која е спроведена во 65 земји, покажа дека 30 влади користат некаква форма на манипулација за да ги нарушат информациите на интернет, во споредба со 23 од претходната година.
Тие манипулации вклучуваат платени коментатори, тролови, “ботови” и лажни вести.
Во извештајот се вели дека тактиките за онлајн манипулација и дезинформации одиграа важна улога во изборите во најмалку 18 земји минатата година, вклучувајќи ги и САД.