Француски војници, ангажирани во воената операција „Баркане“ во Мали, го ликвидирале еден од лидерите на главната џихадистичка група во земјата, Алжирецот Абу Јахја Ел Хамам, соопшти министерка на вооружените сили на Франција, Флоранс Парли.
Како што јави дописникот на МИА, Ел Хамам беше втор во хиерархијата на џихадистичката Група за поддршка на Исламот и муслиманите, предводен од Таурегот, Ијад Аг Гали, познат како лидер на „Емиратот на Тимбукту”.
– Ел Хамам беше лидер на една од главните терористички вооружени групи, кои оперираат во реонот на Сахел, автор и финансиер на бројни напади врз заедничките вредности и интереси кои ги делиме со земјите Г5 од Сахел – Буркина Фасо, Мали, Мавританија, Нигер и Чад, изјави Парли.
Француското Министерство на вооружените сили соопшти дека во операцијата, во која беа вклучени копнени и воздухоплоцни сили од мисијата „Баркане“, биле „неутрализирани неколку терористи“.
– Тоа е голем удар за терористичките групи, кои оперираат во Сахел, навадува француското Министерство, нагласувајќи дека Групата за поддршка на Исламот и муслиманите за период од една година загубила тројца нејзини лидери и блиски соработници на Ијад Аг Гали.
Соопштението доаѓа на денот кога францускиот премиер Едуар Филип треба да отпатува во посета на Мали, придружуван од Парли и министерот за надворешни работи Жан Ив Ле Дриан.
Од 2014 година во реонот на Сахел се распоредени 4.500 француски војници, како дел од операцијата „Баркане“, која има за цел да се бори против џихадистичките групи кои дејствуваат во тој дел на Африка.
И покрај успехот на француската воена интервенција во 2013 година, со што се овозможи потиснување на џихадистичките борци од северниот дел на Мали, кој дотогаш беше под контрола на џихадистите, повеќе области на земјата и натаму се контролирани од овие групи, кои често пати вршат напади врз странските сили.
Насилство постепено се шири од северниот кон централните и јужните делови на Мали, а од неодамна и на териториита на Нигер и Буркина Фасо, каде ситуацијата станува се позагрижувачка.