Во тешка сообраќајна несреќа што се случи синоќа во Бранденбург, Германија, животот го загубија четири млади луѓе на мопеди — три момчиња (на возраст од 15, 16 и 19 години) и едно девојче (14).
Трагедијата се случи кога возач на автомобил (61) изврши ризично претекнување.
#Biesenthal #BAR – Pkw prallt in mehrere entgegenkommende Mopeds, Pkw geht in Flammen auf, 4 Personen verstorben, mehrere Seelsorger im Einsatz https://t.co/AnGsHtnYig
— Fotograf T. Peise (@PolReporter) October 7, 2026
Според првичните информации од полицијата, групата тинејџери на возраст меѓу 14 и 19 години се движеше по локален пат во близина на Бизентал во Бранденбург, во правец кон Волвинкел, североисточно од Берлин.
Како што изјави портпаролот на полицијата за германскиот весник „Билд“, возачот (61) се обиде да претекне неколку возила одеднаш, движејќи се по лентата наменета за сообраќај од спротивната насока. Откако премина на спротивната страна, со автомобилот директно удри во три од четирите мопеди што доаѓаа во пресрет, по што неговото возило се запали.
За трите момчиња и 14-годишното девојче, кое се возеше како сопатник немаше спас – тие загинаа на самото место од силината на ударот.
Четвртиот возач во групата успеа во последен момент да сврти и да го избегне судирот.
Пожарникарите успеаја навреме да го извлечат возачот (61) од уништениот автомобил. Тој со хеликоптер е пренесен во болница во Берлин со тешки повреди.
