Бројот на граѓани на Европската унија кои им се приклучиле на џихадистите во Ирак и Сирија драматично е нараснат, предупреди денеска координаторот на ЕУ за тероризам Жил де Кершов, додека градоначалникот на Брисел вели дека европските институции можат да бидат цел на терористите.
– Бројот на граѓани на ЕУ кои им се приклучиле на џихадистите во последните неколку месеци тројно се зголемил и ние проценуваме дека сега ги има над 3.000, рече Де Кершов за британскиот Би-Би-Си.
Тој додава дека е тешко да се процени колку од нив се вратиле во Европа.
Де Кершов растот на бројот на европски доброволци меѓу џихадистите му го препишува на прогласувањето на „Исламскиот Калифат“ кој екстремистите го воспоствија во Сирија и Ирак, како и на големиот публицитет што група Исламска држава (ИД) го доби поставувајќи снимки на погубување на заробеници на Интернет.
– Оние кои веруваат во ИД заминуваат таму, рече тој и ги повика членките на ЕУ да донесат серија мерки за да ги спречат оние кои сакаат да го пренесат џихадот на европско тло.
Во Брисел во последните денови е засилено обезбедувањето на зградите во кои се сместени европските институции, особено по медиумските информации дека полицијата спречила планови на џихадистите да ги нападнат. Иако белгиските власти не изнесоа никакви детали за оваа акција, градоначалникот на Брисел, Иван Мајор, вчера предупреди дека заканата на терористите за престолнината на Белгија „е конкретна и многу реална“.
Тој за белгиската телевизија РТЛ изјави дека државните органи ги надгледуваат државјаните на Белгија кои се вратиле од Сирија и Ирак, а за кои се претпоставува дека се околу илјада.
– Верувам дека уште некое време ќе бидеме потенцијална цел, каче Мајор.
Брисел во мај годинава беше цел на првиот терористички напад на тлото на Европа од страна на повратник од џихад. Тогаш Французинот од арапско потекло Мехди Немуш отвори оган врз посетителите на бриселскиот Еврејски музеј и притоа уби четири лица.