ЕУ очекува „нова ера“ во односите со САД по изборот на Бајден за претседател

Од:

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел, денеска, во своето обраќање пред Европскиот парламент најави почеток на „новата ера“ во односите меѓу Унијата и САД.

За време на дебатата за резултатите од претседателските избори во САД, Борел му честиташе на Џо Бајден на „историската победа“, а на американскиот народ за „најголемата излезност во историјата“ и „свеста за важноста на овие избори“.

– Не е тајна дека имавме компликувани односи во последните четири години. Се радувам на враќање на искрен дијалог и, каде е тоа можно, на имплементација на заеднички стратегии и ресурси за нивно спроведување, рече Борел.

Шефот на дипломатијата на ЕУ ја поздрави најавената посветеност на идниот претседател на САД „за враќање на единството и демократските принципи“ и соработка со сојузниците врз основа на „вистинско партнерство“.

Тој истакна дека врските меѓу САД и ЕУ мора да се развиваат врз основа на партнерски односи, што ќе бара понатамошно зајакнување на европската стратешка автономија.

– Тоа значи дека работиме на нашите сопствени можности да реагираме и да се браниме, но истовремено да соработуваме со САД на повеќе полиња, истакна Борел.

Шефот на дипломатијата на ЕУ изрази очекување дека глобалните предизвици ќе бидат во „срцето на трансатлантската соработка“, посочувајќи ја соработката во ООН, борбата против Ковид-19, заедничката работа во рамки на Светската трговска организација, зајакнувањето на работата на Светската здравствена организација и борбата против климатските промени како приоритети, како и заеднички пристап кон прашањата кои се однесуваат на Кина, Иран и европското соседство.

– ЕУ и САД беа и ќе останат клучни стратешки партнери во клучни моменти како што се овие сега, заклучи Борел.

Тој вели дека ЕУ е подготвена наскоро да започне соработка со новата администрација во Вашингтон, веднаш по инаугурациите во јануари.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: САД градат пристаниште за достава на помош во Газа

Катерина Ѓуровски

Блинкен: Се надеваме дека повеќе Американци ќе студираат во Кина

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

САД испраќа огромен пакет воена помош за Украина

Америка го ограничи движењето на својот дипломатски персонал во Израел

Стејт департментот потврди дека ќе стави вето на приемот на Палестина во ОН во Советот за безбедност

Горан Наумовски