Службата за национална безбедност на Ерменија соопшти дека ќе биде принудена да преземе построги мерки кон вооружената група, која зазеде полициска станица.
– Добро информирани сме за намерите на вооружената група. Секоја закана по животот и здравјето на луѓето под итно ќе биде неутрализирана со соодветни акции, се наведува во соопштението на Службата.
Полицијата вчера побара од вооружената група, која на 17 јули зазеде полициска станица во Ереван да се предаде. Во саботата групата еднострано ги прекина преговорите, откако ги ослободи и последните полицајци-заложници.
Во меѓувреме уапсени се непознат број помагачи на вооружената група.
Напаѓачите бараат ослободување од затвор на лидерот на радикалната опозиција Жираир Сефалјан, оставка од ерменскиот претседател Серж Саркисјан и формирање нова влада.