Парламентот на Ерменија не успеа да избере нов претседател на земјата затоа што владејачката партија „Граѓански договор“ не успеа да собере доволно гласови.
Единствениот кандидат за претседател, министерот за индустрија и висока технологија Вагн Хачатријан, доби 69 гласа.
– За изборот на Вагн Хачатријан за претседател на државата гласаа 69 пратеници. Изборите се прогласени за неважечки, а вториот круг гласање ќе се одржи денеска, изјави претседателот на комисијата за броење на гласовите, Нарек Бабајан.
Според Уставот на Ерменија, кандидатот за претседател треба да добие најмалку три четвртини од гласовите за да биде избран на функцијата.
Со оглед на тоа што партијата на премиерот Никола Пашињан има 71 пратеник во 107-члениот Парламент, новиот претседател на земјата најверојатно ќе биде избран во вториот круг.
Ерменскиот претседател Армен Саркисијан поднесе оставка на 23 јануари годинава, објаснувајќи го потегот со фактот дека претседателот ги немал потребните средства за да влијае на клучните надворешнополитички прашања.
Претседателот на парламентот Ален Симонјан во моментов ја извршува функцијата в.д претседател на државата.
Извор: МИА