Неколку стотици опозициски активисти се собраа синоќа пред ерменскиот Парламент, во центарот на Ереван, јави Тасс. Околните улици и официјалниот влез беа опколени од полиција, а ситуацијата беше мирна, без конфликти.
Демонстрантите на повеќе места во центарот на градот запалија оган и пееја патриотски песни, а скандираа и дека „премиерот Никол Пашинијан отсекогаш бил предавник“.
Претходно, во текот на вчерашниот ден, лидерот на Движењето за спас на татковината, Вазген Манукјан, ги повика приврзаниците да ги блокираат влезовите во парламентот, да не им дозволат влез на пратениците во него и, исто така, да постават шатори пред државната палата.
Ерменија се наоѓа во сериозна политичка и уставна криза, бидејќи противниците на премиерот бараат тој да замине, а Генералштаб на ерменската армија издаде соопштение во кое побара Пашинијан, како и целата влада, да си заминат од функциите.
Премиерот овој потег на армијата го оцени за обид за воен удар и одлучи да го смени началникот на ГШ, Оник Гаспаријан, но претседателот и врховен командант на вооружените сили, Армен Саркисјан, на двапати го одби барањето од премиерот за отстранување на Гаспаријан од највисоката воена должност.