Емирот на Катар, шеик Хамад бин Халифа ал Тани донесе одлука да му ја предаде власта на својот син, престолонаследникот шеик Тамим бин Хамад ал Тани, јави телевизијата „Ал Џезира“.
Тој го собрал семејството и водечките личности во земјата и ги информирал за својата одлука.
Според неколку извори цитирани од „Ал Џезира“, емирот Хамад бин Халифа ал Тани или ќе абдицира во корист на својот син или ќе го именува за премиер.
Ако емирот абдицира тоа ќе биде преседан во Катар и во современата историја на арапскиот свет, каде ниту еден монарх не се повлекол од власта по своја воља.
Но, шеикот Хамад бин Халифа ал Тани би можел да најави дека постепено ќе муја предава власта на својот син, назначувајќи го прво за премиер, на место на влијателниот шеик Хамад бин Џабер бин Џасем ал Тани, кој се наоѓа на оваа функција од 2007 година.
Тамим ал Тани е роден во 1980 година. Тој е втор син на емирот од Катар и неговата сопруга Моза, која е негова втора жена. Тамим бин Хамад ал Тани е заменик-началник на Генералштабот на катарските Вооружени сили.
Катарскиот емир утре ќе и се обрати на нацијата и ќе соопшти дали ќе абдицира или ќе го именува својот син за премиер.