Германскиот европратеник Елмар Брок, изјави дека независна Шкотска не ќе мора да чека во ред за да стане членка на Европска унија.
Брок кој е поранешен претседател на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент смета дека процесот за „повторниот прием“ на Шкотска во ЕУ би се движел по забрзана постапка и би се одвивал релативно брзо.
Изјавата на угледниот германски европратеник од партијата ЦДУ на канцеларот Ангела Меркел, претставува силен поттик за Шкотската национална партија (СНП) и за првиот министер на Шкотска, Никола Страџен да истраат кон својата определба, земјата да остане во ЕУ и покрај британското повлекување.
Старџен сака да организира нов референдум за независност, за да може Шкотланѓаните да се одлучат – дали сакаат да останат дел од Велика Британија и покрај Брегзит, или пак сакаат да продолжат сами, уредувајќи тесни врски со ЕУ, или станувајќи полноправна членка.
– Доколку дојде до растурање на Велика Британија, за што ние веруваме дека нема да се случи, тогаш ЕУ ќе воспостави многу брзо односи со Шкотска, во настојувањето да се обезбеди најдоброто решение, истакна Брок во разговор за Би-Би-Си.
Во разговорот Брок, сепак, смета дека не е добро Шкотска да организира неофицијален референдум, затоа што владата во Лондон го блокира шкотското барање, инистирајќи дека нема да има ново гласање додека не заврши процесот со Брегзит.
Германскиот европратеник верува дека еден ваков референдум, без согласност на централната Влада, би бил „лош пример“ за други локации каде постојат вакви тенденции, како Каталонија.
Британската Влада ги обесхрабрува гласачите во Шкотска, уверувајќи ги дека земјата не ќе може да биде примена во ЕУ, како што се верува во Единбург, меѓудругото и поради „сигурното шпанско вето“.
Но, по избувнувањето на кризата околу Гибралтар, официјален Мадрид порача дека „нема да и стои на патот“ на Шкотска за членство во ЕУ.