Шпанскиот весник „Ел Паис“ објави тајни документи за договорот меѓу САД и НАТО, во кои се наведува дека клучните барања на Русија во однос на проширувањето на НАТО блокот на Исток и официјално се отфрлени.
Во документите до кои дојде весникот се наведува намерата на САД и НАТО во наредниот период да разговараат за одредени барања со Русија, како и можноста за соработка во одредени области.
Писмените одговори на декемвриските предлози на Москва во голема мера го одразуваат тоа што западните претставници јавно го кажаа за време на тензичните разговори.
НАТО ја обвинува Русија за „значително, неиспровоцирано, неоправдано и постојано“ воено зајакнување околу Украина и Белорусија. Блокот ја повтори својата поддршка за „правото на другите земји да избираат или менуваат безбедносни аранжмани“, отфрлајќи го руското барање Украина да не може да стане дел од Алијансата.
Блокот, предводен од САД, негираше дека и се заканувал на Русија и тврди дека „подава рака на пријателство“, нудејќи ѝ на Москва дијалог по крајот на Студената војна во раните 1990-ти.
Според сега објавените документи, НАТО нуди општа транспарентност и мерки за градење доверба, како што се размена на извештаи за меѓусебни воени вежби, консултации, воспоставување телефонска линија за цивили и повторно воспоставување соодветни мисии во Москва и Брисел.
Вашингтон соопшти дека е подготвен да разговара за „реципрочните обврски и на САД и на Русија за воздржување од распоредување офанзивни ракетни системи на копно и постојани сили со борбена мисија на територијата на Украина“.
Што се однесува до силите на САД и НАТО во Источна Европа, нивното сегашно распоредување е „ограничено, пропорционално и целосно во согласност со обврските од Основачкиот акт НАТО-Русија“, се наведува во документот, додавајќи дека сојузниците „ќе ја зајакнат одбраната доколку Русија изврши инвазија врз Украина“.
САД се подготвени да ги продолжат разговорите со Москва за стратешката контрола на вооружувањето, вклучувајќи ги и ограничувањата за распоредување балистички ракети и нуклеарни бомбардери.
Русија ги негираше плановите за напад на Украина и постојано изјавува дека како закана ја доживува воената инфраструктура на Западот долж нејзините граници. Во декември Москва предложи САД и НАТО да потпишат правно обврзувачки договори за ова прашање.
На оваа тема вчера за прв пат зборуваше и рускиот претседател Владимир Путин и истакна дека писмените одговори испратени до Москва покажуваат дека Вашингтон не ги почитува „фундаменталните“ безбедносни грижи на Русија. Слични забелешки во однос на западната позиција претходно имаше и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
Извор: МИА