Според најновите проценки бројот на странските борци во Сирија, кои дошле од 81 земја, достигна рекорд од околу 15.000.
Многу аналитичари сметаат дека во тек е најмасовна регрутација на странски џихадисти од 1980 година, кога муџахедините ширум светот се вклучуваа во борба на Авганистанците против советската окупација.
Многу странски борци и тогаш претежно доаѓаа од Арапскиот свет. Меѓутоа, сега на џихадистите во Сирија и Ирак се придружија и неколку илјади симпатизери со западни пасоши, вклучувајќи ги тие од земјите членки на Европската унија, САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд. Најмалку илјада дошле од Русија.
И додека борбите продолжуваат, нивните редови се множат. Многу борци се придружија на ИСИС, најголма, нај ортодоксна и нај опасна организација на боиштата, на кои оперираат многу други ограноци на Ал Каеда.
Некои експерти за Блискиот Исток, Сирија ја нарекуваат инкубатор за нова генерација на терористи, кој се наоѓа на границата на Северноатланската алијанса.
Голем број нови џихадисти се тинејџери. Речиси сите кои доаѓаат од Западот, неодамна преминале во исламот, вели Петрик Скинер, експерт за безбедност од консултантската фирма за разузнавачки дејности, Групата Суфан.
Скинер кој до неодамна работел во Ирак вели дека некои се приклучуваат на џихадот барајќи авантура.
– Момчињата од 15 до 25 години, сметаат дека џихадот е возбудлива авантура, бидејќи џихадистите успеваат да ја привлечат западната младина преку видео игрици. Во експлозии во холивудски стил, не се прикажува суштината на војната, туку се создава впечаток дека се работи за добар провод, а познато е дека тинејџерите, по дефиниција бараат возбуди – смета Скинер.
Но, има и такви кои се чувствуваат отфрлени.
– Тие регрути се оттуѓени од семејството и општеството и таа нивна празнина ИСИС совршено ја пополнува – вели Скинер.
Некои пак сакаат да ги одбранат муслиманите за кои сметаат дека се прогонувани.
– Тие сакаат да се борат на страна на сунитите кои се под репресија на Асад, а сега се и под притисок на Западот – заклучува Скинер.
– Џихадистите веруваат дека водат војна против неверниците, војна која ќе трае вечно – вели Брајан Џенкинс, висок советник на Корпорацијата РЕНД која се баци со глобална политика и додава дека меѓу нив се наоѓаат фанатици кои признаваат само насилство.
– Фактот дека кога ќе извршат насилство удираат на сите ѕвона, е очигледен знак дека сакаат не само да ги заплашат противниците, туку дека целта им е на бруталното насилство да се приклучат и други – вели Џенкинс.
Тој предупредува на опасноста дека џихадистите кои дошле од западните земји поседуваат пасоши, со кои лесно можат да се вратат во своите земји и да го продолжат тероризмот дома. Џорџ Бенитез, воен аналитичар во Атлантскиот совет, тука во Вашингтон, се согласува. – Европјаните се плашат дека по варваризмот, од отсекување на глави до распнувања, кои се случувале, новите џихадисти можат да почнат да шират таков вид на малигно насилство и фанатизам ширум Европа.
Гласот на Америка – Вашингтон