Портпаролот задолжен за здравствени прашања во Европската Комисија, Стефан Де Керсмакер, денеска потсети дека здравствените политики во ЕУ се национална надлежност и дека земјите членки имаат право да воведуваат свои правила.
Де Керсмакер истакна дека довербата во вакцините е „екстремно важна“ за да се избегне колебање за вакцинација кај граѓаните и дека Европската агенција за лекови прави сѐ за да врши надзор за безбедноста и ефикасноста на вакцините. Сепак, тој потсети дека секоја земја членка има право да воведува различни правила од тоа што го препорачува ЕМА, како и да преговара за вакцини кои не се дел од стратегијата на Европската Комисија, како што е случај со руската вакцина.
Европската агенција за лекови вчера порача дека иако има поврзаност со тромбозите и вакцината на АстраЗенека, не е забележана разлика помеѓу различните возрасни и родови групи за да се препорача ограничување во вакцинирањето. ЕМА смета дека лекарите треба да бидат добро информирани за можните нус појави, и да биде додадено предупредување во упатството за оваа вакцина.
Тоа не спречи некои земји членки да воведат свои правила за вакцинирањето со АстраЗенека пред сѐ врз основа на возраста.
-ЕМА издава мислења и препораки но вакциналните политики се национална надлежност, земјите членки имаат свои потреби и услови и можат да одлучат да заземат построг пристап од тој што го предлага ЕМА, изјави Де Керсмакер.