Припадникот на Исламска држава (ИД) познат под прекарот „Џихадист Џон“ е повреден при минатонеделното воздушно бомбардирање на реонот покрај сириската граница, јавуваат лондонските медиуми.
Џихадистот стана познат во целиот свет по бруталната ликвидација на двајцата британски заробеници, како и на двајцата американски новинари. Тој го носи прекарот по името на „битлсот“ Џон Ленон и беше препознаен како Британец според изговорот на англискиот јазик.
Британскиот Форин Офис потврди денеска дека „ја имаат информацијата за ранувањето на џихадистот“, но претставникот на Министерството за надворешни работи призна дека засега немаат потврда дека тоа навистина се случило.
Според „Меил он Сандеј“, „Џихадистот Џон“ е еден од 40-те ранети команданти на ИД во бомбардирањето на една локација во Сирија, каде биле собрани, заедно со лидерот на оваа милитантна, исламистичка сунитска група Абу Бакр ал Багдади.
Овој весник, како и медиумите во светот, претходно тврдеа дека при ова бомбардирање и тој е потешко повреден, а некои пишуваа и дека бил убиен.
Сите ранети се префрлени во болница на една локација во западен Ирак. Еден од болничарите кои ги лекувал повредените има речено дека меѓу нив се наоѓал и џихадист кого го нарекувале Џалман и за кого се зборувало дека тој е „човекот кој ги ликвидирал новинарите“.
Британските безбедносни експерти велат дека на фронтовите во Сирија и во Ирак има повеќе од 500 Британци, родени или израснати во Велика Британија кои сега се борат со ИД за создавање на исламски калифат.