Џихадистите од Исламска држава напишаа правилник со 11 точки за новинарите кои известуваат од областа Деир Езор во Сирија, која што е под нивна контрола.
Едно од правилата до кои мора да се придржуваат новинарите е и полагање заклетва за верност на калифот Абу Бакр ала Багдади, лидерот на ИСИС, како и обврската секоја вест пред објавување да биде проверена од прес службата на оваа екстремна организација.
Медиумските работници добија дозвола да работата за меѓународните агенции како „Ројтерс“, „Асошиејтед прес“ и „Франс прес“, но забраанета им е соработка со кој било меѓународен или локален сателитски ТВ канал.
Интересено е тоа што под точка 10 стои дека правилата не се конечни и дека може да се променат во кој било момент.
„Хафингтон пост“ наведе дека по завршеток на состанокот со исламистите, дел од новинарите ги прифатиле правилата, додека многумина одбиле и го напуштиле собирот.
Ова се правилата на ИСИС за новинарите во таа зона:
1. Известувачите мора да се заколнат на верност на калифот ал Багдади – тие се потчинети на Исламска држава и како такви имаат обврска да се заколнат на верност на својот имам.
2. Нивната работа ќе биде под надзор на прес службата на Исламска држава.
3. Новинарите може да работат директно за меѓународните новински агенции („Ројтерс“, „Асошиејтед прес“, „Франс прес“), но мора да ги избегнуваат сите меѓународни и локални сателитски ТВ канали. Забрането им е да обезбедуваат ексклузивен материјал.
4. На новинарите им е забрането да работата на кој било начин со ТВ каналите кои што се на црната листа на медиуми, кои се борат против исламските држави како „Ал Арабија“, „Ал Џезира“ и „Ориент“.
5. На новинарите им е дозволено да ги покриваат случувањата на нивната територија, со пишан текст или слика без обраќање на прес службата на Исламска држава. Сите објавени статии и фотографии мора да бидат потпишани со името на новинарот.
6. На новинарите не им е дозволено да објавуваат репортажи (пишувани или емитувани) без претходно да се обратат до прес службата на Исламска држава.
7. Новинарите може да имаат свои профили на социјалните мрежи и блогови на кои би ги пренесувале вестите и фотографиите. Меѓутоа прес службата на Исламска држава мора да ги има адресите и имињата на корисниците на тие налози и интернет страни.
8. Новинарите мора да се придржуваат до правилата во тек на фотографирање на териториите на ИСИС и да избегнуваат снимање локации или безбедносни случувања таму каде што фотографирањето е забрането.
9. Прес службата на ИСИС ќе ја следи работата на локалните новинари на територијата на ИСИС и државните медиуми. Секој новинар кој ќе ги злоупотреби правилата ќе биде суспендиран и ќе одговара за делото.
10. Правилата не се конечни и може да се променат во кој било момент во зависност од околностите и степенот на соработка помеѓу новинарите и нивната посветеност на вработените во прес службата на Исламска држава.
11. Новинарите ќе добијат дозвола за извршување на дејноста по поднесување барање до прес службата на Исламска држава.
Е. Г.