Две третини од жителите на Велс сакаат нивната покраина да добие повеќе самоуправа во однос на Лондон, а нивното Собрание да има повеќе надлежности отколку што ги има сега, со законот за деволуција, покажува истражувањето за расположението на Велшаните за иднината на оваа британска покраина.
Гласачите од Велс сакаат нивното Собрание во Кардиф да биде надлежно за виталните прашања од домашната политика што се однесуваат за оваа покраина, со натамошно префрлување на овластувањата што сега ги има британскиот Парламент во Лондон.
Во виталните прашања, учесниците во истражувањето ги ставаат како енергетската политика, така и работата на медиумите, но се целосно поделни околу тоа дали социјалната политика и социјалните бенефиции да бидат префрлени на велшкото Собрание, или да останат во надлежност на Вестминстер во Лондон.
Дури две третини од Велшаните сметаат дека правосудниот и кривичниот систем треба да останат во британска надлежност, а преку 82 отсто веруваат дека Велика Британија треба и понатаму да ја има контролата врз одбраната на земјата и надворешната политика.
Само девет отсто од Велшаните сакаат нивната покраина да биде целосно независна држава.
Истражувањето е направено во пресрет на плановите за натамошно унапредување на процесот на деволуција во Велика Британија, кој Лондон не сака да се сведе само на Велс, туку и се примени и во Шкотска, каде во есента 2014 година ќе има референдум за независност.
Расположението брзо се менува и во Велс, па сега осум од десет Велшани, сметаат оти проширувањето на деволуцијата, со давање поголеми овластувања за Собранието во Кардиф, е од интерес за покраината со што таа би добила „посилен глас“ во рамки на Обединетото кралство. Собранието на Велс досега имаше само советодавна улога при разгледувањето на законите, а не закнодавна фунакција, како што има Парламентот на Шкотска.