Во невремето што ја зафати североисточната шпанска покраина Каталонија, две лица загинаа, а ветерот со брзина од 120 километри на час носеше покриви и корнеше дрвја.
Во соопштението на каталонската Влада се наведува дека маж и жена загинале кога врз нив во градот Тераса паднал дел од ѕид од фабриката во која работеле.
Освен тоа, еден работник од железницата е повреден кога возот делумно излетал од шините, откако налетал на откорнато дрво.
Каталонската Влада соопшти дека во покраината и натаму е во сила предупредување за невреме, иако ветерот нешто ослабел, а на граѓаните и натаму им се советува да не се движат во близина на нестабилни градби.