Американскиот претседател Барак Обама, премиерот на Велика Британија Дејвид Камерон и други лидери од осумте најмоќни држави во светот ќе имаат состанок на 17 јуни во Северна Ирска која е домаќин на самитот Г-8.
Во исто време во Lough Erne Golf Resort во Енискилен во кој ќе бидат лидерите, повеќе од 100 добротворни здруженија ќе вршат притисок врз нив да се фокусираат и на проблемот со гладта во светот.
– Гладта не е неизлечива болест или трагедија од која не може да се опорави. Можеме да направиме ниту едно дете да не оди в кревет гладно. Можеме да го запреме гладувањето на мајките за да ги нахранат своите деца. Ние можеме да спасиме животи, вели надбискупот Десмонд Туту.
Слоганот на кампањата е „Доволно храна за сите“, – осмислен од надбискупот и Бил Гејтс.
Мултимилионерот Гејтс вели дека светот мора да дејствува веднаш за да се победи гладта.
– Треба повеќе концентрирани напори од сите влади, цивилни друштва и филантропи за да се победи тој проблем и заедно да изградиме свет во кој ниту еднод ете нема да замине в кревет гладно, вели Гејтс.
– Ако имаме доволно храна за сите, зошто тогаш 870 милиони се гладни, прашува британскиот актер Дејвид Харвуд и додава: Мора да научиме да делиме она што го имаме. Ниту една раса или нација нема повеќе право на живот од другите.
Во кампањата се вклучени УНИЦЕФ, Save the Children, oxfam, Cafod, Action Aid и Christian Aid кои им помагаат на гладните во светот од 2005 година.