Говорејќи на состанокот на високо ниво „Среќа и благосостојба: Дефинирање на нова економска парадигма“ одржана за време на 66. сесија на Генералното собрание на ОН, генералниот секретар Бан Ки-Мун истакна дека на светот „му треба нова економска парадигма која го признава соодносот меѓу трите столба на одржливиот развој. Социјалната, економската и еколошката благосостојба се неделиви. Заедно тие ја дефинираат бруто глобалната среќа“.
Состанокот беше свикан на иницијатива на Бутан, земја која го призна приматот на националната среќа над националниот приход во почетокот на 70-тите години од минатиот век и ја прифати целта – Бруто национална среќа, над Бруто националниот доход.
Генералното собрание на Обединетите нации во својата резолуција 66/281 од 12 јули 2012 го прогласи 20 март за Меѓународен ден на среќата, признавајќи ја важноста на среќата и благосостојбата како универзални цели и аспирации во животот на луѓето во светот, како и важноста за нивно поставување како цели на јавната политика.
Обединетите нации ги повикуваат земјите-членки, меѓународните и регионални организации, како и граѓанското општество, вклучувајќи невладини организации и поединци, да го одбележуваат Меѓународниот ден на среќата на соодветен начин, вклучувајќи и активности за едукација и подигнување на јавната свест.
Порака на Генералниот секретар
Постигнувањето на среќа лежи во сржта на човековите напори. Луѓето од целиот свет се стремат да водат среќен и исполнет живот, ослободен од страв и беда, и во хармонија со природата.
Сепак, основната материјалната благосостојба сè уште е неостварлива за премногу луѓе кои живеат во крајна сиромаштија. Социо-економските кризи, насилството и криминалот, деградацијата на животната средина и зголемувањето на последиците од климатските промени, сè уште се сеприсутна закана за многу луѓе.
Минатата година на Рио+20 Конференцијата на ОН за одржлив развој, земјите-членки се согласија околу потребата за балансиран пристап кон одржливиот развој со интегрирање на неговите три столба: економскиот раст, социјалниот развој и заштитата на животната средина.
Јас сум охрабрен од напорите на некои влади да дизајнираат политики базирани на индикатори за сеопфатна благосостојба. Јас ги охрабрувам другите да го следат тој пример.
На овој прв Меѓународени ден на среќата, нека зајакне нашата посветеност за инклузивен и одржлив човечки развој, да се обнови нашата заложба да им помогнеме на другите. Кога ќе придонесеме за општото добро, ние самите сме збогатени. Сочувството промовира среќа и помага во градењето на иднината што ја сакаме.
Резолуција на Генералното собрание на ОН за Меѓународниот ден на среќата
Генералното собрание,
Потсетувајќи на својата Резолуција 65/309 од 19 јули 2011 година, која ги повикува земјите-членки да преземат дополнителни мерки и политики за потенцирање на значењето на среќата и благосостојбата во развојот;
Свесни дека среќа е основна човекова цел;
Препознавајќи ја важноста на среќата и благосостојбата како универзални цели и аспирации во животот на луѓето во светот и важноста на нивното признавање како цели во јавните политики;
Признавајќи ја потребата од поинклузивен, поправичен и избалансиран пристап кон економскиот раст кој промовира одржлив развој, искоренување на сиромаштијата, среќа и благосостојба за сите народи:
1. Одлучува да го прогласи 20 март за Меѓународен ден на среќата;
2. Ги повикува сите земји членки, организациите на системот на Обединетите нации и другите меѓународни и регионални организации, како и граѓанското општество, вклучувајќи невладини организации и поединци, да го одбележуваат Меѓународниот ден на среќата на соодветен начин, вклучувајќи и активности за едукација и подигање на јавната свест;
3. Бара од Генералниот секретар да ја пренесе оваа одлука до сите земји членки, организациите на системот на Обединетите нации и граѓанските организации за соодветно почитување.
118 пленарна седница, 28 јуни 2012.