Членките на Г7 бараат разјаснување на политиката на САД кон Сирија

Од:

Американските сојузници пред денешниот министерски состанок на групата Г7 во италијанскиот град Лука во провинцијата Тоскана, побараа од Вашингтон официјално разјаснување за тоа која е политиката на САД кон Сирија.

Според американските медиуми, поводот за реакцијата на сојузниците се „различно интонираните“ изјави на државниот секретар Рекс Тилерсон и на амбасадорот на САД во ОН, Ники Хејли.

Шефот на Стејт департментот вчера се огласи со остри критики кон Русија, обвинувајќи ја Москва дека „не успеала да го спречи извршувањето на хемискиот напад“ врз градот Хан Шејхун , што е под контрола на бунтовниците.

Тилерсон, меѓутоа, нагласи дека нема да има промени во американската воена поставеност во Сирија, што значи дека прв приоритет на Американците останува поразувањето на џихадистите на Исламска држава (ИД).

Еден ден пред тоа, амбасадорката на САД во ОН, Хејли за Ен-Би-Си изјави дека „нема да има стабилизација во Сирија со Башар ал Асад како претседател“.

Минатата недела, Хејли даде спротивна изјава во која првпат јавно објави дека „смената на Асад од власта, повеќе не е приоритет на американската политика кон Сирија“.

Таквата изјава предизвика конфузија и збунетост, посебно кај европските сојузници, кои и натаму инсистираат на смена на Асад, задоволувајќи го ставот на сириската опозиција во странство, според која, не се прифака ниту во периодот на транзицијата да формираат влада заедно со сегашниот сириски претседател.

Тилерсон засега останува на позицијата што ја најавуваше американскиот претседател Доналд Трамп уште во предизборната кампања, дека мора да се порази и уништи ИД и дека за САД на воен план нема друга поважна задача на Блискиот Исток.

Европејците, а пред се Велика Британија и Франција, кои се и најмногу ангажирани во сириската граѓанска војна, како повеќе да се насочени кон смена на Асад, кого го обвинуваат дека е причина за појавата на ИД.

Белата куќа во меѓувреме побрза да објасни дека нема суштинска разлика, „освен нијанси“, во двете изјави на Ники Хејли, останувајќи на позицијата дека мора да се уништи ИД.

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија