Еден член на катараското кралско семејство и еден Пакистанец, се ослободени денеска од киднаперите во Ирак, по близу четири месеци поминати во заточеништво, соопшти Министерството за надворешни работи во Доха.
Двајцата ослободени беа меѓу 28 лица кои во декември минатата година, беа грабнати, додека беа на лов во ирачката пустина, во близината на границата со Саудиска Арабија.
Во соопштението на министерството на Катар, не се споменува ништо за судбината на другите 26 лица за кои се верува дека се уште се заточени.
Властите во Доха не соопштуваат дали за ослободувањето на овие двајца, била платена откупнина.
Групата ловџии беше нападната и заробена од се уште непозната вооружена група, која навлегла во кампот на ловџиите во раните утрински часови, доаѓајќи до локацијата на кампот, со десетина џипови.
Деветмина од групата успеале да им побегнат на напаѓачите и да се префрлат во соседен Кувајт.
Кампот бил поставен на 190 километри од регионалниот центар Самава, во област која е населена само со припадници на ираччката шиитска заедница.
Шиитските политичари кои доминираат во сегашната ирачка влада, се гневни на Катар поради неговата улога да им помага на сунитските бунтовнници во Сирија, но Багдад од почетокот отфрла секаква поврзаност со грабнувањето на ловџиите.
Официјална Доха, врши притисок врз ирачките власти да се најдат и ослободат киднапираните ловџии, инсистирајќи дека за ловот во пустината на југот на Ирак, целата група имала дозвола за престој и ловење.