Четири големи компании за производство на целулоза и палмино масло од островите Суматра и Калимантан се обвинети за недоволно обезбедување на околината при палењето на шумите, кои ги палат за да обезбедат нови чисти површини за плантажи со индустриски палми. Нивните директори се обвинети за криминални активности и ако пред судот се докаже нивната вина ги очекуваат затворски казни до 10 години. Компаниите може да бидат задолжени да надоместат штети од над 15 милијарди долари.
Острата реакција на индонезиските власти доаѓа по ветувањето на претседателот Јоко Видодо дека државата ќе се пресмета со причинителите на над 1.000 пожари што, помогнати и од долгата суша, беснеат на Суматра и Калимантан. Во гаснењето на пожарите се уште се ангажирани и над 10.000 војници и стотици авиони и хелкоптери, но тие за сега успеваат само да ги локализираат пожарите.
Покрај над 36 милиони жители на овој дел на Индонезија, кои страдаат поради проблеми со дишењето, облаците од чад допреа и до Сингапур и Малезија. До вчера, во Куала Лумпур и околината, поради загадениот воздух беа затворени градинките и училиштата, а на улиците граѓаните носеа заштитни маски.
Според последното мерење денеска на пладне, индексот на аерозагадувањето во западниот дел на индонезискиот архипелаг бил 1.999 единци, повеќе од пет пати поголем од максималниот индекс со вредност од 351 единици, што се смета како крајна граница за нормално дишење.