Според чешкиот претседател Милош Земан, Чешка би требало да постапува поенергично против сунитската екстремистичка група Исламска држава (ИД) и освен муниција на автономниот регион ирачки Курдистан да му обезбеди и оружје за одбрана од исламистите.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, Земан исто така не ја исклучи можноста, во борбата против исламските радикали да бидат употребени и чешките борбени авиони „Грипен”.
– Се разбира, јас ја поздравувам одлуката на чешката влада за испраќање муниција и исто така посакувам таа поддршка да биде уште посилна, рече Земан, додавајќи дека иако Соединетите американски држави имаат поефикасна воздухопловна флота, сепак и чешките воени авиони исполнуваат функции во одбрана на воздушниот простор во рамки на НАТО.
Земан, истовремено најави дека наскоро ќе го прими претседателот на автономниот регион Курдистан, Масуд Барзани.
Претседателот на Чешка, изрази уверување дека во придонесувањето во борбата против ИД, е и распоредувањето на 150 чешки војници на Голанската Висорамнина, каде оперираат организации поврзани со исламската екстремистичка група.
Чешката влада, кон крајот на август, за вооружените курдски сили во Северен Ирак испрати десет милиони парчиња муниција за пушки Калашников, осум милиони парчиња муниција за автоматски пушки и 5.000 рачни гранати.