Парламентот на Суринам вчера го избра поранешниот министер за правда, Чан Сантоки, за нов претседател на оваа јужноамериканска држава, соборувајќи го долгогодишниот претседател Деси Бутерс, јави ДПА.
Сантоки (61), инаку поранешен началник на полицијата, во четвтрток треба и официјално да положи заклетва на новата функција.
Партијата за напредна реформа на Сантоки (ВХП) на парламентарните избори во мај освои повеќе мандати од Националната демократска партија на Бутерс (НДП), кога привремено беше укинат делумниот карантин за Ковид-19 за да се овозможи повеќе од 350.000 граѓани со право на глас да излезат на изборите.
Претседателот го избира парламентот и треба да добие двотретинско мнозинство.
Бутерс (74) се кандидираше на изборите во мај, во обид да освои трет мандат. Тој со оваа поранешна холандска колонија владееше седум години како де факто лидер по воениот удар во 1980 година, а потоа победи на демократските избори во 2010 и 2015 година.
Бутерс поднесе жалба на пресудата за убиство и 20-годишната затворска казна за настаните од декември 1982 година, кога војниците под негова команда убија 15 негови противници.
Суринам својата независност од Холандија ја стекна во 1975 година, потсетува ДПА.