Градот Луганск во источниот дел на Украина се наоѓа целосно под контрола на проруските бунтовници од самопрогласената „Луганска Народна Република“, истакна командантот на баталјонот за територијална одбрана „Киев-12“, Антон Шаповал.
Според него, во синоќешниот напад од страна на сепаратистите била целосно уништена главната база на баталјонот и неговиот личен состав се повлекол од градот.
Шаповал истакна дека неговата единица имала наредба „да остане до крај, но тој одлучил да ги повлече борците, бидејќи во спротивно ќе загинеле стотици војници“.
Тој додаде дека за време на борбите „има загинати и повредени“, но нивниот број се уште не е познат.
– Друг украински баталјон „Киев-11“ е опколен во реонот на Дебалцево, напиша на Фејсбук Лариса Сарган, од прес-службата на претседателот Петро Порошенко.
Украинските сили продолжуваат со напади на станбени и инфраструктурни објекти во населените мести, кои се наоѓаат северно од Доњецк. Најпогодени се градовите Горловка, Макеевка и Енакиево, соопштија проруските сили.
Според портпаролот на украинските безбедносни сили, Андриј Лисенко, од почетокот на воената операција против сеператистите во април досега се убиени 837 украински војници, а 3.044 се повредени.