Бројот на загинатите во цунамито во Индонезија достигна 373 лица, повредени се 1.459, а 128 се водат како исчезнати, соопшти Индонезиската агенција за справување со природни катастрофи.
Цунамито во саботата вечер по локално време ги погоди крајбрежните области меѓу индонезиските острови Суматра и Јава, и беше предизвикано од ерупција на вулканот Анак Кракатау.
Локалните власти соопштија дека се разурнати стотици домови и други објекти, а 12.000 жители се присилно евакуирани.
Неколку стотици полицајци и доброволци се обидуваат да ги пронајдат исчезнатите по плажите во Индонезија.
Цунамито откорнало и голем број дрва кои ги блокираа патиштата, што го отежува пристапот на спасувачките екипи до настраданите.
Агенцијата за метеорологија, климатологија и геофизика апелираше до локалните жители и туристите да стојат подалеку од брегот, нагласувајќи дека тоа предупредување ќе биде во сила до 25 декември.
– Ве молиме да не се приближувате до плажите. Оние кои се евакуирани се молат се уште да не се враќаат дома, соопшти Агенцијата.
Портпаролот на Националната агенција за справување со природни катастрофи, Сутопо Пурво Нугоро на денешната прес-конференција изјави дека постои опасност од ново цунами поради непрекината ерупција на вулканот.
– Затоа и препораката на Агенцијата е луѓето некое време да се тргнат од плажите, рече Нугоро.
Раководителот на Одделот за предупредување за земјотреси и цунами при Агенцијата, Рахмат Тријоно призна дека на Индонезија и недостига систем за рано предупредување на опасност од големи бранови при ерупција на вулкани.
– Механизмите за рано предупредување со кои располагаме во моментов, првенствено се однесуваат на тектонски појави, а не на вулкански, изјави Тријоно.
Кон крајот на септември индонезискиот остров Сулавеси го погоди земјотрес со интензитет од 7,5 степени според Рихтеровата скала, кој предизвика цунами бранови високи и до седум метри, при што загинаа над 2.200 лица, над 10.000 беа повредени, а над 1.000 прогласени за исчезнати.
По ова властите признаа дека системот за предупредување од цунами не функционира со полн капацитет веќе шест години. Според нив, од 2012 година не работи длабинскиот сензор за рана детекција на големи бранови, кој е клучен елемент на системот за предупредување од цунами.