Британците загрижени: Трамп е закана за меѓународната стабилност

Од:

Речиси две третини од жителите на Велика Британија сметаат дека новиот американски претседател Доналд Трамп е закана за меѓународната стабилност и мнозинството од нив се на мислење дека тој ќе биде лош претседател, покажува денеска објавеното социолошко истражување.

Анкетата на консултантската компанија „Опиниум рисрч“ (Opinium Research) по нарачка на весникот „Обзервер“, била спроведена во текот на бурната втора недела од мандатот на Трамп.

Истражувањето покажува дека Британците имаат доминантно негативно мислење за американскиот претседател. Освен што, за 64 проценти од испитаниците Трамп е закана за меѓународната стабилност, зборовите кои вообичаено Британците ги искажуваат за спорниот претседател се „опасен“ (50 отсто), „неурамнотежен“ (39 отсто) и „тесноград“ (35 отсто).

Вкупно 56 отсто од анкетираните тврдат дека тој не заслужува доверба.

Повеќе од четворица од десет анкеттирани или 44 отсто се убедени дека Трамп ќе биде „ужасен претседател“, еден од десет смета дека тој ќе се претстави просечно, а само шест отсто веруваат дека тој ќе биде голем претседател.

Британците, меѓутоа, не се толку едногласни за прашањето за државната посета на Трамп на Обединетото кралство. Додека 53 проценти сметаат дека посетата треба да се одложи или откаже, 36 проценти се на спротивното мислење.

Парламентот на 20 февруари ќе одржи дебата за ова прашање.

Трамп може да биде лишен од честа да зборува во најстарата зграда на Парламентот, соопшти весникот „Санди телеграф“, повикувајќи се на организаторите на посетата. Претседателот на Домот на општините Џон Баркоу изрази стравувања за реакцијата на пратениците на евентуален говор на Трамп. Сега имало планови настанот да се премести од Вестминстер Хол, основан во 11 век, во Кралската галерија, изградена 800 години подоцна. Зградата сега е во фаза на ремонт.

Овaа промена во распорeдот се сфаќа како директна навреда за Трамп, имајќи предвид дека неговиот претходник Барак Обама одржа говор пред пратениците и перовите токму во Вестминстер Хол за време на својата државна посета.

Над 150 пратеници или речиси секој четврти, ја потпишале декларацијата која повикува на откажување на парламентарното обраќање на Трамп поради неговата кампања против бегалците од муслимански земји и неговите коментари за жените и малтретирањата.

Би можело да ве интересира

Трамп: Ники Хејли би можела да биде во мојот тим

Трамп најави дека ќе ги олесни прописите на Бајден за поседување оружје

Трамп бара Бајден да помине тест за дрога пред нивниот ТВ-дуел

Жалбата на Трамп против одлуката на судијата Меркан е одбиена

Поранешниот адвокат на Трамп сведочеше дека и платил на Сторми Даниелс 130.000 долари за да молчи

Трамп не ја сака Хејли за потпретседател, ѝ посакува се најдобро