Бразилскиот претседател Мишел Темер денеска во обраќањето на годишната сесија на Генералното собрание на ОН се заложи за зголемување на бројот на членките на Советот за безбедност на Светската органзиација.
– ОН треба да се реформираат, за да бидат во состојба поадекватно да одговорат на современите предизвици. Заедно со многу други земји ја поддржуваме идејата за реформи на ОН. Сметаме дека треба да се прошири составот на Советот за безбедност, со цел тој да биде во согласност со реалноста на 21-от век, рече Темер.
Тој нагласи дека повеќе од 70 години ОН ја симболизираат надежта за поправеден свет, додавајќи дека денес во време на „нејаснотии и нестабилност“ потребни се поголема дипломатија, преговори, мултиполарност и дијалог.
Темер ги осуди појавите на национализам и протекционизам во светот, нагласувајќи дека тие не може да бидат решение за економските проблеми со кои се соочуваат многу земји.
Тој се заложи и за продолжување на борбата против климатските промени, нагласувајќи дека Бразил ќе продолжи да го спроведува Парискиот договор за климата.
– Тоа прашање на може да чека. Треба да дејствуваме уште сега, истакна Темер во обраќањето.