Поранешниот британски премиер Тони Блер изјави дека верува оти Шкотланѓаните ќе го отфрлат предлогот на лидерот на сепаратистичката Шкотска национална партија (СНП), Алекс Салмонд за независност на Шкотска.
– Верувам дека луѓето во Шкотска ќе се определат нивната земја да остане дел од Обединетото Кралство, изјави Блер, истакнувајќи дека кампањата за останување во заедничката држава и нејзините аргументи во шкотската јавност се многу посилни во последно време.
Блер објасни дека разговарал со многу луѓе од активистите кои агитираат да се гласа против отцепувањето и изрази задоволство што меѓу нив владее силен оптимзам и верба во победа.
Ова е првпат Блер, кој десет години беше британски премиер, јавно да зборува за претстојниот референдум во Шкотска што е закажан за 18 септември. Неговото досегашно молчење предизвикуваше загриженост меѓу лабуристите во овој дел од Велика Британија, кои би требало да бидат основата на победата над сепаратистите. Другите угледни шкотски лабуристи и министри во неговите влади, како Городн Браун, Џон Рид или Џорџ Робертсон, веќе се вклучија во кампањата против отцепувањето.
Блер зборуваше во Лондон на едно предавање по повод 20-годишнината од неговиот прв избор за лидер на Лабуристичката партија. Тој беше 13 години на челото на лабуристите и десет години премиер на Велика Британија, пред да се повлече од Даунинг стрит 10 на крајот од јуни 2007 година.
Според Блер, кампањата „Заедно е подобро“ со која раководи Алистер Дарлинг, поранешен лабуристички министер за финансии, како и самата партија, имаат постигнато многу со цел на референдумот се обезбеди победа и зачувување на територијалниот интегритет на Велика Британија.
Блер е роден пред 61 година во Единбург и се школувал во Шкотска, пред да дипломира право во Оксфорд. На почетокот на својот прв премиерски мандат во 1997 година, тој се избори за донесување закон за деволуција на Шкотска – префрлање на овластувањата од Лондон на Единбург, што доведе и до обнова на работата на шкотскиот Парламент, по прекин од тогаш безмалку три века.
Тој ги отфрла обвинувањата дека токму деволуцијата создаде терен за развој на сепаратизмот и за референдумот за независност.
– Доколку тоа не го направивме тогаш, со овие работи (сепаратизмот) ќе се соочевме порано, рече Тони Блер.
Последните испитувања на расположението на гласачите покажува дека противниците на отцепувањето на Шкотска имаат предност од 16 отсто, пред приврзаниците за независност.