Блер предлага создавање „сили за брза реакција“ против ИД

Од:

Поранешниот британски премиер Тони Блер предлага формирање на „меѓународни сили за брза реакција“ за борба против џихадистите од групата Исламска држава (ИД).

Во интервју за неделникот „Сандеј Тајмс“, Блер вели дека ваквите би требало да имаат мандат да дејствуваат веднаш „каде било и секаде каде ќе има потреба за нивното реагирање“.

Ваквиот предлог на поранешниот британски премиер доаѓа по неговото оправдување на одлуката на Лондон да се приклучи кон меѓународната антиџихадистичка коалиција, предводена од САД во Сирија и согласноста што на Владата и ја дадоа пратениците за воздушни напади на британски авиони врз позициите на ИД на сириска територија.

Согласноста на Долниот дом на британскиот Парламент беше добиена по бурна расправа и по одлуката на лидерот на опозициските лабуристи Џереми Корбин да им дозволи на пратениците од оваа партија да гласаат по сопственото уверување, а не според тоа како тој е определен.

Корбин се залагаше да не им се дозволи на британските авиони да учествуваат во бомбардирањето на џихадистите во Сирија, но се соочи со бунт во редовите на својот кабинет во сенка, каде половината од членовите му се заканија со оставки.

Лондонски „Обсервер“ сега пишува дека расте загриженоста во Велика Британија дека по првите два воздушни напади на британските авиони врз џихадистите, сега е можно сегашните воени активности на меѓународната коалиција да прераснат во воена интервенција, налик на онаа од 2011 година во Либија, кога насилно беше соборен од власт Моамер Гадафи.

Стравот, според весникот, доаѓа откако по таа интервенција Либија остана во хаос. Во земјата нема Парламент, постојат две спротивставени влади и нема безбедносни сили, освен бројни милитантни исламистички групи кои војуваат меѓу себе.

Весникот забележува дека една ваква Либија, сега претставува погодна локација за бази за џихадистите.

По сегашната одлука да се учествува во бомбардирањето на сириските џихадисти, Блер објаснува дека оваа операција во Сирија, сепак, не треба да се споредува со Ирак од пред 12,5 години.

Поранешниот премиер смета дека тие две операции се различни, бидјеќи Британците сега не се сами (со САД), туку во меѓународната коалиција се наоѓаат и нивните арапски сојузници.

„Фајненшл Тајмс“ не мисли така, па забележува дека проблемот на владата во Лондон не се домашните критичари, туку тоа што во операциите за нападите врз ИД на сириската територија, ги нема арапските земји.

Камерон во своите малку над пет години во Даунинг стрит 10, веќе трет пат ги испраќа британските авиони да интервенираат во странство – во Либија, Ирак, а сега и во Сирија – што ја прави интересна, идејата на Блер за „меѓународни сили за брза реакција“ против џихадистите, проценуваат некои лондонски набљудувачи.

Би можело да ве интересира

Британците повеќе не ја сметаат Германија за сигурен сојузник

Велика Британија: Полицијата нуди 23.000 евра за помош за апсење на напаѓачот од Клепам

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Бурата Иша ја погоди Британија, откажани летови, илјадници домови без струја

Хорор во Англија: Пронајдени четири тела во куќа во Костеси

А1он

Ковачевски: Со законот за рестриктивни мерки ќе бидат опфатени наши ентитети, санкционирани од САД и Британија

А1он

Кое оружје го користеа САД и Велика Британија за да ги нападнат Хутите

А1он