Милијардерот Бил Гејтс предупреди на Климатскиот самит на ОН во Глазгов дека, покрај пандемиите, постои и нова опасност за човештвото.
Тој вели дека тоа може да бидат терористички напади со биолошко оружје. Затоа тој повика да се инвестираат милијарди долари во таканаречените „микробиски игри“, со цел човештвото да биде соодветно подготвено.
Гејтс го изјави ова за време на дискусијата со Џереми Хант, претседател на Комитетот за здравство и благосостојба на британскиот парламент и поранешен британски министер за здравство за време на самитот.
Основачот на „Мајкрософт“ повика на формирање на глобален пандемски „ударнички тим“ во Светската здравствена организација.
„Потребни се околу милијарда годишно за пандемиски „ударнички тим“ во СЗО, кој би се занимавал со надзор и со она што јас го нарекувам Игри на микроби, односно вежбање одговори“, рече Гејтс.
Тој даде и пример како терористите можеле да нападнат неколку аеродроми во исто време со вирусот на сипаници, па тоа би можело да биде едно од сценаријата за вежбање на „Микробиолошките игри“ за да се подготват за евентуален напад.
Тој објасни дека има природно предизвикани епидемии, но дека тие можат да бидат и последица на биотероризам и како такви може да бидат полоши од природни. Сепак, како што додаде, напредокот во науката треба да ни даде алатки за подобар одговор отколку што имаме сега.
Милијардерот рече дека земјите како САД и Велика Британија треба да инвестираат десетици милијарди во истражување и развој за да бидат подготвени за следната пандемија.
Тој исто така изјави дека се надева дека светот за пет години ќе биде подготвен да одговори на евентуална нова пандемија, но дека за тоа е потребна сеопфатна инвестиција во развој и истражување.
„Ова може да доведе до многу иновации, а за да бидеме подготвени за евентуална нова пандемија, треба да ги искорениме грипот и настинката, да ги направиме вакцините евтини, да имаме големи фабрики, да направиме вакцини кои би можеле да бидат во форма на мал фластер што го ставивте на рака и сето тоа би било многу корисно дури и да нема пандемија“, рече Гејтс.