Берлускони ќе го бојкотира следниот круг од гласањето за избор на претседател на Италија

Од:

Поранешниот премиер на Италија Силвио Берлускони денеска изјави дека неговиот блок на десниот центар ќе ја бојкотира следната рунда од гласањето за претседател на државата и ќе протестира пред парламентот за да го спречи изборот на кандидатот на левиот центар Романо Проди.

Проди, поранешен премиер и еден од најстарите политички непријатели на Берлускони, е неприфатлив за десниот центар, кој го обвинува лидерот на левиот центар Пјер Луиџи Берсани дека не ги исполнува своите ветувања дека нивниот кандидат ќе биде прифатлив за сите.

Берсани го предложи Проди откако се откажа од претходниот кандидат, поранешниот претседател на Сенатот, Франко Марини, заради револтот во својата партија, потсетуваат британските медиуми.

-Нашата земја, Италија, е поважна од било какви фракционерски интереси на левицата, наведува Берлускони во соопштение.

Мала група пратеници на десниот центар, предводена од Александра Мусолини, внука на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини, денеска во парламентот влегоа носејќи маичка на која од предната страна пишуваше „Не Проди Не“, а на задната „Ѓаволот го носи Проди“, алудирајќи на филмот „Ѓаволот носи Прада“.

Италијанскиот парламент ниту денеска, во третиот круг, не успеа да избере претседател на државата.

Бидејќи ниту еден кандидат не освои двотретинско мнозинство, гласањето ќе продолжи подоцна во текот на денот со нов, четврти круг гласање, кога за изборот на нов шеф на државата ќе биде потребно просто мнозинство, пренесоа агенциите.

Мандатот на досегашниот претседател Џорџо Наполитано завршува на 15 мај.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Карабињерите запленија 2.700 килограми кокаин, скриен во керамички банани

Пет работници загинаа во Палермо

(ВИДЕО) Триесетина повредени во несреќа на пристаниште во Италија

Горан Наумовски

Бројот на жртвите од експлозијата во хидроцентралата крај Болоња се зголеми на седум

Девојче од Србија е дрогирано и силувано во Рим

Еден од македонските туристи повредени во сообраќајката во Италија ќе биде опериран, другите се пуштени дома

Александар Тодески