Бенџамин Лист и Дејвид Мекмилан се годинашните добитници на Нобеловата награда за хемија, објави денеска Кралската шведска академија на науките.
Тие ја добија наградата за развој на прецизна нова алатка за молекуларна конструкција: органокатализа. Ова имаше големо влијание врз фармацевтските истражувања.
Многу истражувачки области и индустрии зависат од способноста на хемичарите да конструираат молекули кои можат да формираат еластични и издржливи материјали, да складираат енергија во батерии или да спречат прогресијата на болеста. За такво нешто потребни се катализатори, супстанции кои ги контролираат и забрзуваат хемиските реакции, без да станат дел од финалниот производ.
Нобеловата награда е воспоставена за да им оддаде почит на истакнати личности за академски, културни и научни достигнувања и првпат беше доделена во 1901 година.
Нобеловата награда за хемија ја доделува Шведската кралска академија на науките за извонреден придонес во различни области на хемијата.
Оваа награда им се доделува на научниците во Стокхолм на 10 декември секоја година, на годишнината од смртта на Алфред Нобел.
Нобеловата награда за хемија е доделена 112 пати, односно 185 лица биле одликувани од 1901 до 2020 година. Минатата година, Нобеловата награда за хемија им припадна на Емануел Шарпентие и Џенифер Дудна за развој на метод за модифицирање на геномот, познат како CRISPR. Тоа беше првпат две жени да освојат награда заедно.