Белгија: Школската година ќе започне на 1 септември со задолжителни маски за сите

Од:

По долги преговори, белгискиот франкофонски образовен систем успеа да постигне договор за враќањето во училиште на децата од основно и средно школо.

Од први септември сите деца треба да се вратат на школските клупи, осум часа дневно освен во среда, и со задолжително носење маски без разлика на возраста, најавија властите. Како повеќето европски земји, Белгија е свесна дека хаосот во наставата за време на пикот на коронавирусот мора што побргу да се санира и дека е важно децата да се вратат на школските клупи.

Премиерката Софи Вилмес на прес-конференција пред неколку дена порача дека „ситуацијата е доволно под контрола за да им се дозволи на децата да се вратат во училиштата“, додека експертите нагласуваат дека освен образованието, важна е и социјализацијата на учениците.

Маските ќе бидат задолжителни за време на наставата, цел ден, како за учениците така и за наставниците, а на децата ќе им биде дозволено да ги отстранат за време на малите и големите одмори во текот на денот. Многумина експерти од областа ја доведуваат во прашање оваа одлука на властите, но без резултат за сега.

Голем број професори упатија апел до властите да им се дозволи да држат предавања без маска, со оглед на тоа дека социјалната дистанца од метар и половина во училницата помеѓу нив и децата ќе се почитува. Се бара и поголема грижа за оние деца и адолесценти со анксиозност, околу десет отсто од учениците се засегнати од овој синдром, и би можеле да трпат психолошки последици од ваквата одлука.

Но за сега властите остануваат на ставот за задолжителна маска.

Што се однесува до секојдневното менаџирање со можни нови зарази во школите, белгиските власти најавија дека штом се појави кластер во еден клас, без разлика дали е во градинка, основно или средно, целиот клас ќе се затвори четиринаесет дена и сите членови мораат да бидат тестирани. Кластерот се дефинира како два потврдени случаи во еден клас.

Во градинките, доколку негувателот или негувателката се позитивни, веднаш се затвора групата две недели. Мерката за градинката е построга поради тоа што негувателите имаат поблизок контакт со децата во текот на денот. Негувателите во градински се исто така единствени наставници за кои маската не е задолжителна.

Во случај на појава на сомнителни симптоми кај ученик или наставник во наредните недели и месеци, властите бараат тие да не одат во школо и веднаш да се обратат кај нивниот матичен лекар. Доколку детето манифестира симптоми за време на наставата, веднаш ќе биде изолирано во посебна соба и ќе се стапи во контакт со родителите за да дојдат веднаш да го земат.

Доколку лекарот одлучи дека е потребно тестирање на детето со симптоми, само негативен тест ќе овозможи враќање на детето во училиштето. Доколку тестот е позитивен, ученикот мора најмалку седум дена да остане дома, од кои последните три без телесна температура и со значително подобрување на неговата општа состојба. Другите деца од класот не мора да се тестираат ниту да одат во карантин, а наставата продолжува нормално, стои во протоколот на властите за отворањето на училиштата.

Одговорните во образовниот систем како и виролозите сметаат дека во наредниот период, со враќањето во училиште, треба да се очекува зголемување на бројот на сомнителни случаи како и на симптоми од тип настинка, болка во грло, температура и кашлица, посебно со оглед на тоа дека наскоро започнува периодот на сезонскиот грип.

Околу милион деца во франкофонска Белгија треба да седнат на училишните клупи од вторник, но, иако бројот на новозаразени се стабилизира последниве денови, експертите стравуваат дека сè уште не е време за отворање на училиштата, бидејќи се очекува уште Белгијци да се вратат од одмор во следните денови, а голем број новозаразени се токму лица вратени од странство.

Би можело да ве интересира

Белгија протера руски дипломати

Горан Наумовски

Уапсени четири лица во Брисел: Планирале напад на концертната сала

(ВИДЕО) Хаос во Брисел: Земјоделците палат гуми и фрлаат измет кон полицијата

Стотици фармери ги блокираа патиштата околу белгиското пристаниште Антверпен-Бриж

20-метарска елка падна врз луѓе во Белгија, умре жена

Катерина Ѓуровски

Теис: Ако не нападнат, ќе се браниме со камења

Горан Наумовски