Во мај, 1.995 компании поднеле барање за стечај во Германија, што е за два проценти помалку отколку во истиот месец минатата година. Ова е прв пад на годишно ниво од февруари, објави германскиот завод за статистика Дестатис, објави германската новинска агенција (ДПА).
Сепак, сликата за првите пет месеци од годината е многу понеповолна.
Од јануари до мај, германските општински судови примиле 10.546 барања за стечај, што е за речиси пет проценти повеќе отколку во истиот период во 2025 година. Судовите ги процениле вкупните побарувања на доверителите од компаниите што банкротирале помеѓу јануари и мај на околу 15,4 милијарди евра. Ова е значително помалку од 25,7 милијарди евра една година претходно.
Статистичарите ја објаснуваат оваа разлика со фактот дека поголем број големи компании банкротирале во 2025 година.
Податоците за стечај се вклучени во статистиката дури по првата одлука на надлежниот суд. Од поднесувањето на барањето до донесувањето на одлуката може да потрае и до три месеци, поради што реалниот број на компании што банкротирале е веројатно поголем.
Стапката на банкрот од јануари до мај била 29,8 компании на 10.000 компании.
Најтешко погодени се транспортот, угостителството и градежништвото
Најголем број на банкроти е забележан во секторот за транспорт и складирање, каде што стапката била 57,2 банкроти на 10.000 компании.
Угостителската индустрија следела со 49,2, додека градежната индустрија регистрирала 44 банкроти на 10.000 компании.
Бранот на банкроти е последица на стагнацијата на германската економија во текот на неколку години, според „Феникс магазин“.
Кредитната агенција „Кредитреформ“ проценува дека трендот нема да се промени и следната година. Институтот Лајбниц за економски истражувања во Хале (IWH), кој ги анализира трендовите на банкротите секој месец, дури предвидува и „исклучително висок“ број на банкроти.
Проблемите не ги поштедија ниту граѓаните. Во мај, 5.926 граѓани во Германија прогласија личен банкрот, што е за речиси 10 проценти помалку од претходната година. Сепак, во првите пет месеци од годината, бројот на лични банкроти достигна 32.093, што е за речиси два проценти повеќе отколку во истиот период во 2025 година.
