Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун денеска изјави дека се случил „колективен неуспех“ во заштитата на цивилното население во Сирија од злосторствата и го повика Советот за безбедност да реагира по ова прашање.
– Нашиот колективен неуспех во спречувањето на страшните злосторства во Сирија во текот на изминатите две и пол години е голем товар за ОН и нејзините земји членки, а така и ќе остане, изјави Бан на состанокот на ОН за спречување на геноцид.
Истражувачкиот тим на ОН за човекови права во својот извештај наведува дека двете страни во сирискиот конфликт се одговорни за убиства, киднапирања и гранатирање цивили во борбите за територии, како и дека од почетокот на судирите во март 2011 година животот го загубиле над 100.000 луѓе, додека милиони се принудени да ги напуштат своите домови.