Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун изјави дека искрено се надева дека оваа година ќе биде постигнат нов договор за климатските промени, како и дека светските лидери ќе се мобилизираат, со цел да се стави крај на крвавата војна во Сирија.
Шефот на светската организација изрази надеж дека ќе има напредок во економското заздравување, во обновата на израелско-палестинските мировни преговори и во изнаоѓањето на политичко решение на конфликтите во Мали, Конго и Централноафриканската Република, пренесува БТА.
Оваа недела Бан заминува на Светскиот економски форум во швајцарското одморалиште Давос. Бан истакна дека ќе ја искористи ретката можност што ја дава настанот кој ќе ги собере на едно место околу 2.500 владини лидери, бизнисмени и јавни личности, за да раземени мислења за овие важни за светот прашања.
Генералниот секретар на ОН предупреди дека не смее да се потцени значењето на проблемот со климатските промени. Овие промени се одвиваат брзо, многу побрзо од очекуваното, нагласи Бан.