Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун смета дека она што им се случило на Ерменците пред 100 години за време на Османлиското царство е „ужасно злосторство“, но не го поддржува папата Франциско кој убиствата ги окарактеризира како „прв геноцид на 20. век“, соопшти портпаролот на Обединетите нации.
Портпаролот Стефан Дујарик пред новинарите изјави дека Бан е запознат со она што го изјави папата и оти во целост е свесен за „чувствителноста на одредувањето на карактерот на она што се случило“ во 1915 година, пренесува германската агенција ДПА.
По повод трагичните настани, како што ги опиша Дујарик, на 24 април ќе се одржат комеморации во Ерменија и ширум светот. Тој рече дека генералниот секретар на ОН цврсто верува дека комеморацијата и продолжувањето на соработката меѓу Ерменците и Турците „со цел да се одредат фактите за она што се случило“ во 1915 година ќе ја зајакне заедничката решителност да оневозможиме слични злосторства да се повторат во иднината.
Дујарик, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Бан засега не планира да формира меѓународна комисија која би се занимавала со испитување на фактите во врска со ова злосторство.
Папата Франциско по повод одбележувањето на 100-годишнината од ерменскиот масакр во Османлиската империја, во својот говор го употреби зборот „геноцид“, што според медиумите може сериозно да ги наруши дипломатските односи меѓу Ватикан и Турција.
– Во текот на минатиот век, човечкиот род доживеа три огромни трагедии без преседан. Првата, која повеќето ја сметаат за „прв геноцид на 20. век“, го погоди ерменскиот народ, истакна папата за време на мисата во катедралата „Свети Петар“, цитирајќи го соопштението од 2000 година, потпишано од папата Јован Павле Втори и ерменскиот патријарх.
Поглаварот на Римокатоличката црква истакна дека другите два геноцида во минатиот век ги извршиле „нацистичкиот и сталинистичкиот режим“, додавајќи, исто така, дека „и во поновото време се забележани масакри, како оние во Камбоџа, Руанда, Бурунди и Босна“.
Голем број историчари го сметаат убиството на милиони Ерменци во Османлиската империја како „прв геноцид на 20. век“, но официјална Анкара категорично ги отфрла ваквите обвинувања.
По изјавата на папата, реагираше и Турција и веднаш го повика на консултации својот амбасадор во Ватикан, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
.- Нашиот амбасадор во Ватикан, Мехмет Пачаџа е повикан во Турција на консултации, соопшти турското МНР.
Во изјавата на Министерството се наведува дека турскиот народ не ги прифаќа зборовите на папата, кои се полемични во секој аспект, се засноваат на предрасуди и ја искривуваат историјата.
Турското Министерство за надворешни работ испрати протестно писмо до амбасадорот на Ватикан во Анкара поради изјавата на папата Франциско. По средбата, турските власти изразија „длабоко жалење и разочарување“ од зборовите на папата.
– Изјавата на папата Франциско, кои се далеку од историската вистина и законот, се неприфатливи, напиша на Твитер турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.
– Верски претставници не треба да даваат вакви неосновани изјави, кои можат да предизвикаат непријателство, нагласи Чавушоглу.
Голем број историчари го сметаат убиството на милиони ерменци во Османлиската империја како „прв геноцид на 20. век“, но официјална Анкара категорично ги отфрла ваквите обвинувања.
Ерменскиот геноцид е признат од 20-тина земји, меѓу кои Франција, Швајцарија, Русија, Канада, но и од Европскиот парламент.