Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун ги повика Израел и Палестинците да избегнуваат какви било чекори, кои би можеле да им наштетат на штотуку обновените преговори за постигнување мировна спогодба.
Бан Ки-мун, кој е во посета на Ерусалим, ова го изјави по средбата со израелскот претседател Шимон Перес, еден ден откако во Рамала разговараше и со палестинскиот претседател Махмуд Абас.
– Никој не може да му даде на својот народ се што сака, но и двете страни ги знаат потребите на нивните граѓани, изјави Перес во врска со напорите на израелските и палестинските лидери за покренување на преговорите.
Бан Ки-мун на вчерашната средба со Абас ја изразил својата загриженост поради натамошното градење на израелски населби за еврејските доселеници.
Израелската и палестинската делегација во средата ги обновија преговорите во Ерусалим.
Следниот круг преговори се очекува да се одржи во Ерихон на Западниот Брег, за околу две недели.