Дводржавното решение на израелско – палестинскиот конфликт одамна доцни, изјави денеска генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, во пресрет на гласањето во Генералното собрание на ОН за палестинското барање за унапредување на статусот во држава не-членка.
– Постигнувањето на решение за две држави, за кое Палестинците и Израел му се посветија одамна доцни – рече Бан во пораката по повод Меѓународниот ден на солидарност со палестинскиот народ.
Тој ја истакна потребата итно да се обноват напорите за постигнување на решение, во меѓународната заедница, како и од палестинските и израелските лидери.
– Ги повикувам израелските и палестинските лидери да покажат визија и решителност. Исто така апелирам до меѓународната заедница да им помогне да го отворат патот за веродостојна политичка волја за реализација на легитимните аспирации на двете страни – рече Бан.
Коментирајќи во врска со неодамнешното примирје постигнато меѓу Израел и Хамас, после осумдневното насилство, Бан ја истакна потребата за одржување на примирјето.
– Рамките на договорот одамна се јасни, утврдени со резолуции во Советот за безбедност на ОН, во Мадридските принципи – вклучувајќи земја за мир, мапа на патот, арапската мировна иницијатива од 2002 година. и постоечките договори меѓу двете страни.
– Она што е потребно сега е политичка волја и храброст, како и чувство за историска одговорност и визија за помладите генерации – рече генералниот секретар на ОН, повикувајќи на стопирање на изградба на еврејските населби во окупираниот Западен Брег и источен Ерусалим, нагласувајќи дека таквата активност е “спротивна на меѓународното право и дека тоа мора да престане. ”
– Едностраните акции на теренот нема да бидат прифатени од страна на меѓународната заедница – рече Бан.