Богатите држави се виновни за промените во климата и треба да бидат водечки сили во склучувањето на договорот за глобалната клима до 2015 година, што е крајниот рок што треба да се почитува, изјави денеска генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун во кулоарите на меѓународна средба во Катар за проблемите на климата.
Според Бан, „чесно и логично“ е развиените земји „да преземат поголем дел од одговорноста“ во борбата со постепеното затоплување на планетата.
Изјавата на генералниот секретар е по повод тврдењата на Кина и другите брзо развивачки држави дека богатите земји ја носат историската одговорност за глобалното затоплување, затоа што нивните фабрики испуштале емисии од јаглерод диоксид во атмосферата далеку пред да стане познато нивното дејствување врз климата.
-Климатските промени се предизвикани од индустријализацијата во развиениот свет, рече Бан Ки-мун.
Тој додаде дека „едноставно чесно е и логично развиениот свет да преземе поголем дел од одговорноста“.
Многу од богатите земји, меѓу кои САД и државите од ЕУ, кажуваат дека линијата на разграничување во минатото меѓу развиените и земјите во развој, што беше клучен елемент во дваесетгодишните дискусии за климата, не е актуална во денешниот свет и нема да помогне во решавањето на проблемот. Сега повеќето емисии доаѓаат од брзо развивачките земји во светот и Кина во тој поглед ги претекна САД, испуштајќи најголем дел од емисиите на јаглерод диоксид во светот, посочуваат американските медиуми.