Обединетите нации сметаат дека регионот Каталонија нема право на самоопределување, изјави денеска генералниот секретар на Светската организација Бан Ки-мун во интервју за шпанските медиуми.
– Шпанија е независна и суверена држава во која е вклучен и регионот Каталонија. Како таква е примена во ОН и дејствува во меѓународната заедница, изјави Бан во интервју за „Ел Паис“, „Ел Мундо“, АБЦ и „Ла Вангварди“.
Тој наведе дека во Шпанија постои почитување на различноста на културите, јазиците и традициите.
Пронезависните партии, кои имаат мнозинство во Парламентот на Каталонија, планираат на почетокот од ноември да усвојат резолуција најавувајќи формален почеток на сецесија од Шпанија и формирање на нова република во рок од 18 месеци, на што се спротиставува централната власт.