Бабарогата стигна во Данска

Од:

Франкфурт Алемајне Цајтунг – Франкфурт

Бабарогата сепак дојде. Десет години нашите министри за одбрана се закануваат дека ќе стигнат од Авганистан. Некој неписмен талибан кој не знае ни каде е Европа, ќе се појави еден ден на железничката станица во Норепорт со ранец полн со експлозиви и обземен со пламенот на исламот, со себе ќе однесе во смрт десетици невини луѓе. Но, тој никако да дојде, иако потрошивме 20 милијарди круни водејќи војна во неговата земја за да го спречиме неговото доаѓање. Наместо него, стигна анонимец кој изврши напад на трибината за слобода на мислење и на синагога пред и самиот да биде убиен. Неговата адреса е Копенхаген, Норебро.

Со кого да војуваме сега? Со исламот? Со 250.000 муслимани кои живеат во Данска? Со деца на имигранти за кои се вели дека се неприлагодени? Со сите кои не се подготвени да стават рака на Библијата и да се заколнат дека ја сакаат данската култура, кафениот сос и компирите? Денес во Данска се пребројуваме. Четврт милион муслимани мора да истапат и да се дистанцираат од нападите. Во спротивно се осомничени, додека не се докаже спротивното.

Три часа по нападите ни траг ни глас од нашата премиерка. Франсоа Оланд по нападите во Париз веднаш даде изјава. Хеле Торнинг Шмид молчеше. А потоа стигна соопштение за јавноста, кое како да го составил некој полициски инспектор. – Постојат индиции дека се работи за политички атентат и тероризам.

Тоа звучеше како ехо на шпекулации во медиумите. Осамна следниот ден, а премиерката не се појави на телевизија; само малодушно порача на граѓаните да продолжат со своите животи.

Претседателот на САД Џорџ В. Буш по нападите на 11 септември ги повика своите сограѓани да продолжат да купуваат. Дали премиерката ќе ни даде ист совет? Не го спречувајте економскиот напредок. Продолжете како ништо да не се случило. – Ќе ја зачувам Данска каква што ја познавате – напишано е на плакати со нејзин портрет кој последните недели ја преплавија земјата. Што и да сакаше да ни каже, во таа оскудна порака, едно е јасно: во саботата вечерта, додека се пукаше по Копенхаген, Данска беше без водство. Каде требаше да биде премиерката, тоа е веќе морално прашање. Важно е да дознаеме се за напаѓачот и неговите мотиви. Дали тој е повратник од војната во Сирија? Дали е заразен со фундаментализмот надвор од земјата? И уште едно прашање е многу важно: кои сме ние како нација?

Веројатно ќе дознаеме дека напаѓачот се саморадикализирал. Но човекот не е остров. Неговите мотиви и инспирации можеле да дојдат од разни страни. Дали можеби ние сме жариштето на инфекцијата? Дали Данска е саморадикализирана нација? Данска и Велика Британија се единствени европски земји кои во последните 12 години учествуваа во четири војни: во Ирак, Авганистан, Либија и против Исламската држава. Данска, покрај Белгија и Велика Британија, е европска земја од која сразмерно најмногу луѓе отидоа да се борат во Сирија.

Тоа е земја во чиј парламент (Фолкетинг) седи несомнено најксенофобичната партија во Европа – Данската народна партија. Изгледа дека на следните парламентарни избори таа ќе стане најсилна во парламентот. Но, најголемиот проблем е во тоа што нејзините ставови за странците не ги делат сите партии во Фолкетингот, вклучувајќи ги и социјалдемократите. Дали искрата на тероризмот после Париз се запали во Копенхаген сосема случајно?

Проблемот со слободното мислење во Данска не е во нејзината злоупотреба, туку напротив: таа слобода недоволно се користи и многу Данци молчат. Тоа што политичарите на данската десница припаѓаат на најлошите демагози во Европа, не е проблем на слободата на мислење, туку на достоинството и на чувството за одговорност, кои сеуште се бараат од демократски избраните лидери. Но, многу дански политичари изгубија секаква врска со овие поими.

Се уште постои отворена Данска, нејзиното граѓанско општество кое се обидува да ги урне ѕидовите кои ги подигнуваат медиумите и Фолкетингот. Но, за оваа толерантна Данска не се заинтересирани нашите политичари. На неа никој не се обраќа, никој не ја охрабрува, ниту и дава право на говор. На толерантната Данска би и било подобро да замолчи.

Најсилниот впечаток по атентатот е тоа што никој не се изненади. Како сите да го очекуваа тој  напад. Ние сме земја која во последните 20 години свесно оди од судир во судир. Нашите политичари не подготвија за овој напад, а ние на ова самоисполнително пророштво ги подготвивме имигрантите, бегалците и нивните деца. Тоа се тие зад хиџабот, со вахабистички бради зад ѕидовите на џамиите. Им објаснивме дека нивната вера, култура, историја и дух се преполни со затаено насилство.

Во дебатите по нападите на Чарли Ебдо, во Данска во ниту еден момент не се правеше разлика меѓу сатирата и хушкањето. Не го читам Чарли Ебдо, но верувам на зборот на нивниот уредник кој вели дека нивната сатира е добродушна и шеговита. Но многу од тоа што го слушам денес за муслиманите и нивната вера не е ни добродушно ни шеговито, туку злобна демагогија лишена од секаква човечност.

Ангела Меркел неодамна рече дека инспираторите на десничарското движење Педига, се безчувствителни луѓе исполнети со омраза. За таква изјава во Данска ќе мора да се извини, ако сака било каква политичка кариера. Во саморадикализираната Данска, безчувствителноста победи на двете страни.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Гори една од најпознатите згради во Копенхаген

ВИДЕО: Ја испраќаме целата артилерија што ја имаме во Украина, најави данската премиерка

Катерина Ѓуровски

Данска доби крал: Кралицата Маргарета Втора абдицираше и му го предаде тронот на својот син

Горан Наумовски

Европска потерница за богатата наследничка: Мајката призна дека децата киднапирани во Данска се кај неа

(ВИДЕО) Од ресторан во Данска киднапирани две деца: Мајката е богата наследничка, со таткото се во војна

Данска и нареди на Русија да го намали бројот на дипломати во амбасадата во Копенхаген