Американските власти го одобрија брзиот тест за коронавирус што ќе чини само пет долари

Од:

Американската Управа за храна и лекови (ФДА) издаде одобрение за итна употреба на брзиот тест за Ковид-19 на компанијата „Лаборатории Абот“.

Тестот е наречен „BinaxNOW COVID-19 Ag“ и дава резултати во рок од 15 минути, а компанијата планира да го продава по цена од пет долари. Комплетот за тестирање е исклучително практичен, па со изгледот и големината наликува на кредитна картичка, се додава во соопштението од „Лаборатории Абот“.

Според клиничкото истражување, спроведено од компанијата во соработка со неколку водечки американски истражувачки универзитети, тестот „BinaxNOW“ покажа чувствителност од 97,1 отсто (можност за прецизно идентификување на оние кои имаат вирус) и специфичност од 98,5 отсто (можност за прецизно идентификување на оние кои немаат вирус) кај пациенти за кои постои сомневање дека биле заразени со Ковид-19 во првите седум дена по појавата на симптомите.

-Масовната употреба на овој тест ќе им овозможи на десетици милиони луѓе пристап до брзо и сигурно тестирање, изјави епидемиологот Џозеф Петросино од Медицинскиот факултет Бејлор.

Класичните лабораториски тестови, според него, имаат одлична чувствителност, но мора да се почека неколку дена или подолго за да се добие резултат.

-Брзиот тест за антиген ќе го добие резултатот веднаш и со тоа ќе спречи натамошно ширење на вирусот, додаде Петросино.

„BinaxNOW COVID-19 Ag“ е наменет за квалитативно откривање на антигени од САРС-КоВ-2 во брисот што здравствените работници го земаат од носот на пациентот во текот на првите седум дена по појавата на симптомите. Примероците не се испраќаат во одделни референтни лаборатории, туку веднаш се анализираат на лице место во вирусниот транспортен медиум вклучен во комплетот за тестирање.

Компанијата планира да испорача десетици милиони тестови во септември и да премине на 50 милиони тестови месечно на почетокот на октомври.

Би можело да ве интересира

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија

САД испраќаат голем пакет помош за Украина

Американскиот секретар за одбрана: За 1.000 дена војна Путин не постигна ниту една стратешка цел

Песков: Има телефонска врска меѓу Кремљ и Белата куќа, но не е активна