Американскиот потпретседател Мајк Пенс денеска во колумбискиот главен град Богота ќе се сретне со самопрогласениот привремен претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо, соопштија извори од Белата куќа.
Според истите извори, средбата има за цел да ја манифестира поддршката на САД за Гуаидо, по викендот исполнет со насилство и судири меѓу опозициските приврзаници и силите лојални на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, при што загинаа најмалку четири лица, а над 300 беа повредени.
Пенс во Богота ќе се сретне и со лидерите на државите од Јужна Америка, кои го признаваат Гуаидо за легитимен претседател на Венецуела.
Изворите од Белата куќа најавија дека Пенс најверојато во Богота ќе најави нови санкции кон Венецуела, со цел да се засили притисокот врз Мадуро да се повлече од власта.