Американците се вооружуват во очекување на забраните

Од:

Изненадувачки, па донекаде и загрижувачки е колку луѓе на годинешниот саем за оружје во градот Шантили во американската сојузна држава Вирџинија, знаеjа за Македонија и рекоа дека ја посетиле.

– Прекрасна земја, бев кај вас по работа. Многу ми се допаднаа патлиџаните, многу подобри од гумените топки што ни ги носат од Калифорнија. Мислам дека еден ден ќе бидете главни извозници на патлиџани во Европа, подобри од Италија, вели еден од продавачите. Убаво е да се слушне комплимент за родната земја, но овој комплимент е интересен по тоа што доаѓаше од господин кој продаваше шаржери за калашњиков, директно од картонски кутии, за 20 долари парче. „Шаржерите ги купувате од Балканот?“, го прашувам. Соговорникот, човек во средните 40-ти години со руса коса, сигнализира дека по ова мое прашање нашиот разговорот е завршен и ме замолува, со мојата камера, да се оддалечам од неговиот штанд.

Ова е еден од најголемите саеми за оружје во близината на Вашингтон, масовно посетен меѓу другото, поради огромната концентрација на воени лица и агенти на разните полициски служби кои живеат во американската престолнина. Се очекува илјадници луѓе да поминат низ големата саемска сала во трите дена колку што трае саемот. Неколку маси подолу од почитувачот на македонските патлиџани, друг господин продава калашњикови. Расположен е да зборува пред камера, но не и да каже нешто конкретно.

– Од каде ги купувате овие пушки? Воен вишок од Балканот, источна Европа? Или копии произведени во САД?, го прашувам.

– Имаме разни извори, гласи кусиот одговор. Продавачот инсистира дека, за да се купи АК-47 во САД, неопходно е менување на механизмот и користење на пушката само како полуавтоматска верзија, наместо многу по-смртоносната автоматска верзија. Според него, практично се работи за обична ловечка пушка, која само изгледа „страшно“, но додава дека, со голем труд, но сепак е можно, полуавтоматскиот „калашњиков“ да се претвори во целосно автоматски.

Овие пушки, официјално наречени „офанзивни оружја“, беа забранети во САД во периодот од 1994 до 2004 година, кога забраната истече. Продавачот на калашњикови во Шантили вели дека забраната за овој вид оружје не придонела кон тоа да се намали криминалот во САД. По училишниот масакр во градчето Њутаун во Конектикат, претседателот на САД Барак Обама го задолжи потпретседателот Џо Бајден да предводи комисија која ќе треба да донесе предлози за измени на законите, за да се воведе построга контрола врз оружјето. Се очекува предлозите да одат накај повторна забрана на полуавтоматските пушки, долгите шаржери, повисоки цени на муницијата и ред други мерки.

– Не знам што да очекувам од новите обиди да се смени законот, но знам што мислам дека треба да се случи. Треба законите да ги остават како што се сега. Пушките не се проблем, проблемот е до луѓето. Работам како полицаец 28 години и можам да ви кажам дека проблемот никогаш не беше до пушките, вели продавачот.

Би можело да ве интересира

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он

Вучиќ за негодувањето на САД што нови министри се на американската црна листа: Тоа е изборот на граѓаните на Србија

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Студентите на пропалестинските протести во Тексас се судрија со полицијата

Катерина Ѓуровски

Торнадото во Оклахома однесе најмалку два животи, четворица повредени

Претседателскиот кандидат Џил Стајн е уапсена на протест против војната во Газа

(ВИДЕО) Пропалестинските протести се шират на американските универзитети, десетици уапсени