Шкотскиот прв министер и лидер на сепаратистичката Шкотска национална партија (СНП), Алекс Салмонд изјави дека не верува оти во Шкотска ќе се организира уште еден референдум. доколку на изјаснувањето в четврток гласачите ќе ја отфрлат независноста.
Во интервју за Би-Би-Си, Салмонд рече дека станува збор само за негово лично мислење, но нагласи дека сегашното референдумско изјаснување е можност која „само еднаш и се укажува на цела една генерација“.
Тој првпат призна дека целта на кампањата за раскинување на 300 години старата унија меѓу Шкотска и Англија, не е „победа со еден глас“ туку обезбедување значајно гласачко мнозинство за излез од Велика Британија и за создавање независна држава, доколку, како што рече, тоа биде можно да се постигне.
До одржувањето на референдумот остануваат само уште три дена, што двете кампањи, онаа што ја водат унионистите и приврзаниците за останување на Шкотска во Обединетото Кралство, како и сепаратистите, кои сакаат самостојност, интензивирано ја користат за последните средби со гласачите.
Кралицата Елизабета, која престојува на одмор во кралскиот дворец Балморал во шкотскиот Хајленд, вчера првпат им порача на Шкотланѓаните да „размислат многу внимателно за иднината“.
Иако пораката беше изречена по неделната црквена миса, на средбата со насобраните жители од тој дел на земјата и нема политичка содржина, таа, сепак, се смета како предупредување пред претстојното гласање.
Раководителот на кампањата „Заедно е подобро“ Алистер Дарлинг, поранешен британски министер за финансии и пратеник во Вестминстер од Шкотска, им порача на гласачите дека доколку тие се одлучат да се определат за независност, треба да бидат свесни дека „нема да има враќање назад“.
– Ова не е гласање на парламентарни избори, кога може да се смени мислењето на наредните избори, ако не сте задоволни од претходниот избор, рече Дарлинг.
Тој објасни дека целата на нивната кампања е да се уверат неопределените гласачи, да гласаат против независноста за што пропагираат сепаратистите. Дарлинг вели дека финишот на кампањата ги потврдува неговите навестувања од пред една годин, дека трката за гласачите ќе биде до крај изедначена и неизвесна.
Од денска во кампањата се вклучува и британскиот премиер Дејвид Камерон кој се обидува да ги увери Шкоталанѓаните дека во Обединетото Кралство ќе им биде подобро, како и дека и во нивни интерес е постоењето на една и силна Велика Британија.
Последните испитувања што се направени меѓу 9 и 12 септември, покажуваат дека 51 отсто од избирачите се за зачувување на сегашниот статус на Шкотска, додека 49 проценти се за независност.