Најмалку 14 борци на силите на меѓународно признатата либиска Влада вчера се убиени во Сирт во текот на новата офанзива против последниот сектор од крајбрежниот град што остана под контрола на џихадистичката група Исламска држава, пренесуваат француските медиуми, повикувајќи се на медицински извор.
Поголемиот дел од загинатите војници биле погодени од снајперски оган.
Силите на либиската Влада на национално единство покрај 14-те убиени имале и меѓу 25 и 30 ранети војници.
Последните остананати џихадисти во Сирт се забарикадирани во станбен регион со куќи и згради со површина од квадратен километар.
Американските воени авиони бомбардирале две згради, во кои снајперистите од Исламска држава имале свои позиции.
Сирт се претвори во бастион на џихадистичката група во Либија.
Силите на меѓународно признатата влада на 12 мај почнаа офанзива за освојување на родниот град на покојниот либиски диктатор Моамер Гадафи. До овој момент тиа имаат над 550 жртви и околу 3.000 ранети војници. Загубите на џихадистите не се знаат.