Со низа комеморации во светот денеска се одбележува десетгодишнина од разорниот земјотрес од 9,1 степен според Рихтеровата скала, кој предизвика серија цунами во целиот Индиски океан од Суматра до Сомалија, при што настрадаа повеќе од 230.000 лица во 14 држави.
Потресот беше регистриран на 1.600 километри од епицентарот кој беше на дното на Индискиот океан кај Суматра, а силни бранови ги погодија Шри Ланка, Индија, Тајланд, Сомалија, Бурма, Малдиви, Малезија, Танзанија, Сејшели, Бангладеш. Јужна Африка, Јемен, Кенија и Мадагаскар.
За потсетување силата на ударот беше еквивалентна на експлозија на 23.000 атомски бомби и е третиот најсилен замјотрес, кој некогаш е регистриран од сеизмограф, а кој траел речиси 10 минути.
Најголеми човечки загуби се регистрирани во Аќе индонезиска провинција на север на островот Суматра, каде од последиците на ударот на брановите чија што висина изнсуваше дури и до 30 метри, загинаа 130.000 лица, додека повеќе од половина милион граѓани без раселени.
Благодарение на помошта од меѓународните заедници, обновени се повеќе од 140.000 домови и повеќе илјади километри патишта, бројни училишта и болници. Брзата реконструкција помогна и да се стави крај на повеќегодишниот конфлик во Индонезија, така што мировниот договор помеѓу бунтовниците и Џакарта е потпишан осум месеци по катастрофата.
Од 70.000 жители во местото Меулабо, кое се наоѓа на само 150 километри од самиот епицентар на земјотресот, загинаа 10 проценти, додека 45.000 лица беа принудени да се иселат, бидејќи немаа каде да живеат.
На Шри Ланка загинаа повеќе од 30.000 лица, а на Тајланд настрадаа 5.395 лица од кои половина странски туристи.
Главните комеморации ќе се одржат во Аќе и на Тајланд, а десетгодишнината од трагедијата ќе биде одбележана и во Шри Ланка на местото каде што цунамито на 26-ти декември 2004 година, однесе воз со 1.500 патници.
Е. Г.