ВИДЕО: Ниту автобуси, уште помалку еколошки – Арсовска две години ветува, но никако да ги донесе

Од:

Ветени предизборно во 2021-та, секоја година со нов датум, некој месец во идната – Новите 250 еко автобуси никако да почнат да возат по улиците во Скопје. Во програмата, градоначалничката Данела Арсовска се обврзува на промена на автобускиот парк со нови еколошки автобуси на природен гас, како и електрични автобуси, за намалување на загадувањето, но и поефикасно извршување на јавниот превоз.

Но и утре да пристигнат во Скопје, што тоа би променило во ефикасноста и доцнењето на автобусите? Доколку скопјани добијат нови автобуси, „освежувањето“ на возниот парк на ЈСП би значело подобри услови во автобусите, но не и пристигнување на автобуските постојки на време. Автобусите се уште би возеле по истите траси, заглавени во метеж од автомобили кои пак и натаму би продолжиле да го загадуваат воздухот.

Дека набавката на автобуси нема да го реши проблемот на јавниот превоз во Скопје, за А1он вели и универзитетскиот професор Никола Крстаноски. Според него, потребни се и други начини на јавен превоз, нешто што воведуваат и градови со помалку жители од главниот град на Македонија.

„Набавката на нови автобуси нема да го допре главниот проблем во јавниот превоз во Скопје, бидејќи и нови автобуси и стари автобуси, пак ќе бидат заглавени во сообраќај. Автобускиот превоз е одамна надраснат, Скопје има 600.000 жители. За град со толку жители, едноставно не може да ги задоволи потребите, ако не се донесат нови видови на јавен градски превоз“, вели Крстаноски.

Еколошки автобуси во Скопје донесе и претходникот на Арсовска, Петре Шилегов. Според процените, тие заштедуваат околу 25.000 евра за гориво, а во споредба со двокатните автобуси, овие автобуси, воопшто не загадуваат, бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ честички. Сепак, не ја постигнаа саканата цел, бидејќи речиси без исклучок, автомобилите продолжија да се користат. Според Шилегов, целта може да се постигне и со помалку автобуси, но на сметка на трансформација на јавниот превоз.

„Ако во моментов пуштите нови 250 автобуси по скопските улици, мислите дека ќе решите нешто или само ќе го зголемите хаосот? Значи транспортот на луѓе е наука. Тука паушалност не трпи, „Ќе купиме автобуси, ќе пуштиме бесплатен превоз. Тоа е цела една наука која треба да се води буква по буква за да даде резултат. Не се решава проблемот со бројот на автобусите, туку со начинот и системот по кој тие автобуси сообраќајот. Можете истиот учинок да го имате со 50 наместо со 250 автобуси“, рече Шилегов за А1он.

Арсовска пак и за ова прстот го впери во советниците – Тие биле виновни бидејќи не сакале да изгласаат. Набавката ја врзува и со бесплатниот јавен превоз, но не кажува колку пари од буџетот ќе се одлеат за овие автобуси.

„За жал, кај нив (советниците) свесноста не е на такво ниво за да може да разберат дека за нашите граѓани е потребно да имаат и јавен превоз кој што ќе стигне до секоја локација“, кажа Арсовска на 10 октомври годинава.

За набавката на незагадувачки автобуси, градоначалничката има поддршка од „Зелен хуман град“. Од коалицијата велат дека иако автобусите ќе влијаат во голема мера на аерозагадувањето, сепак прво треба да се решат проблемите во најголемиот загубар во Скопје – Јавното сообраќајно претпријатие.

„Долго време се зборува за земање кредит, за набавување на нови автобуси. Не е ниту стигнато да се разговара за бесплатен јавен превоз, а зборуваме за нови автобуси. Но како што знаеме, уште нема одобрение од советот за тоа. Ние како „Зелен хуман град“ го поддржуваме фактот за носење на нови дополнителни автобуси, но мора да има добро раководство во претпријатието и да се знае што понатаму“, изјави за А1он советникот во Град Скопје, Горјан Јовановски.

За набавката, Арсовска секоја година вели дека не се остварува бидејќи има пречки. Најпрво, пречка беа долговите на градот, за сега да тврди дека проблемот е во советниците. Но, нема ниту информација од каде ќе се добијат проектираните 75 милиони евра, за кои градоначалничката претходно кажа дека ќе ги бара од донатори. Од градот одбија да одговорат и на овие прашања од А1он: До каде е набавката, што е досега направено за набавката, колку пари се потребни, како ќе се обезбедат овие средства и како ќе се враќа заемот кој би се земал за набавка на нови еколошки автобуси. Како и претходно, и за оваа тема добивме ветување дека ќе се дадат одговори, кои речиси еден месец не се пристигнати.

 

Со овој текст, А1он.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Би можело да ве интересира

Советот на Град Скопје побара да продолжат разговорите со Владата за нормализирање на состојбите во градот

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Јанчева: Добро е што Владата прифати една мерка на СДСМ, Советот на Скопје да ги поддржи сите три

Вонредна седница на Советот на Град Скопје: Од утре Скопје ќе има автобуски превоз

Стојановски: Се очекува утре изутрина да има нормализиран автобуски превоз во Скопје

Горан Наумовски

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата